Бизнисмени од Нусајбин, Турција, в среда, 19 јуни, доаѓаат во Скопје. Ќе учествуваат на деловен форум што го организира Стопанската комора Македонија -Турција (МАТТО).

На форумот се предвидени тет-а-тет средби и воспоставување соработка. Турските компании од Нусајбин, провинција што граничи со Сирија, се заинтересирани за партнерства со наши фирми.

„Земјава ќе ја посетат компании од повеќе области: градежништво, прехранбена индустрија, трговија, текстил, мебел, земјоделство,… Тие се заинтересирани за соработка и воспоставување партнерства со наши, македонски фирми. Денешната економија на Нусајбин е поврзана со стопанските активности и трговијата во Сирија. Но, Нусајбин е исто така и трговски и административен центар за локалното земјоделство“, велат од МАТТО.

Деловниот форум во Скопје е поддржан од Стопанската и индустриска комора на Нусајбин.

До крајот на месецов, МАТТО најавува уште една делегација, од Амасија, црноморски регион. Во оваа  делегација ќе доминираат компании од прехранбената индустрија.