Охрид мора да работи на изготвување стратегија што ќе ја детерминира визијата за неговото идно позиционирање на светската туристичка мапа. Да дефинира што е она што ќе понуди на светскиот туристички пазар, нешто што ќе им покаже на потенцијалните туристи што можат да очекуваат пред да се решат да дојдат тука.
Тоа е генерално ставот на Андреа Бијаџини, експерт по угостителство, МТП Мишелин, сопственик на консалтинг-компанијата „32Consulting“ и на специјализираното списание „Food & Lifestyle“, кој пред менаџерите од рестораните и хотелите во Охрид преку практичните обуки за маркетинг ја презентира важноста на добрата храна, односно гастрономијата во подобрувањето на целокупната туристичка понуда на градот.
Гастрономијата е една од можеби најважните ставки што ја детерминираат туристичката понуда на една дестинација. Охрид и Македонија не се доволно познати на светскиот туристички пазар. Тоа колку што е негативно, има и свои добри страни, затоа што голем број туристи сакаат да откриваат нови дестинации. Она што го видов тука зборува дека главно продуктите што се користат во креирањето на гастронономската понуда се здрави, незагадени, органски, што е видливо и позитивно. Но, видов унифицирани менија на храната што е на понуда, недостига обучен персонал во кујната што ќе направи исчекор, разлика во понудата, отсуствува или мала е понудата на атрактивни локални јадења со повисок квалитет, вели Бијаџини во интервјуто за МИА.
Бијаџини е во Охрид во рамки на гастро-турата „Taste Ohrid“ што вторпат се одржува во организација на локалната самоуправа, Факултетот за туризам и угостителство и туристичкиот кластер на југозападна Македонија (ЕДЕН). Повикан е како експерт да помогне со своето долгогодишно искуство во маркетингот во угостителството во промоцијата на Охрид, пред сè на туристичкиот пазар од регионот на северна Италија.
Според она што го истакна тој, светските трендови одат во насока на комбинација на сместувачки објект со ресторан што ќе нуди квалитетни јадења „по нарачка“, на начин што двете понуди ќе ги компенизираат трошоците, особено во деновите надвор од сезоната кога нема многу гости. Тоа е начинот на кој треба да се размислува во потрага по добра бизнис-стратегија во туризмот, конкретно во гастрономијата, вели Бијаџини.
Промените не можат да се направат преку ноќ, ниту можат да се очекуваат, но стратегијата мора да се зацрта со цел да се прави со визија како Охрид треба да изгледа по десет години. Да може во 2030 година да се видат промени, нов Охрид, но не преку драстични промени, туку подобрувања со задржан идентитет. Воведување мали промени од ден на ден, од година во година, сето тоа добро осмислено за да се подобри целата слика за градот. Но, мора да се води сметка на задржување на посебноста, особеностите, рече тој.
Експертот од Италија ќе забележи дека тоа не значи проста комерцијализација на ресторанската понуда, туку понудата да биде збогатена со неколку ресторани што би понудиле различна храна, независно дали ориентална, јапонска кујна, дали пицерија, дали мексиканска храна, како збогатување на гастрономската понуда на градот.
Гастрономски вредности што ќе помогнат во промоција на Охрид и негово позиционирање на гастрономската мапа. Тоа не чини многу, може да се направи со организирање фестивал на храната, да се поканат врвни шефови на кујни, кои со локални продукти ќе направат корекции во менијата, со понуда што ќе биде базирана врз традиционалното, но сето приготвено на современ, привлечен начин, рече тој.
Притоа една од неговите забелешки се однесува и на потребата од привлекување барем еден хотел од светските синџири како „Шератон“, „Хилтон“, некои брендови што се многу познати на интернационално ниво. Тоа го образложи со потребата таквите објекти да бидат носачи на понудата, магнет за туристи кои однапред добро знаат што сакаат, што можат да очекуваат и да добијат.
Како примери ги посочи Будимпешта, Букурешт, Прага, за кои истакна дека со отворање такви хотели привлекле туристи со детерминирани очекувања, кои откако ќе дојдат тука ќе имаат можност да избираат сместувања и во другите хотели, но откако ќе се уверат самите што е на понудата, односно веќе ќе знаат што можат да очекуваат и да добијат.
Туристите точно знаат што можат да очекуваат кога ќе тргнат за Париз, Лондон, Дубаи… Тоа треба да се направи и за Охрид. Ете, веќе има тука сè повеќе туристи од Кореја. Првиот предуслов за Италија го имате, директен лет од Милано. Она што останува е сега да се запознаат со она што има да се понуди тука. Не да се следат некои негативни примери на проста комерцијализација како Хургада или Шарм ел Шеик, но да се гледа смислата во запознавање на Италијанците точно да знаат што да очекуваат. Сето тоа се прави чекор по чекор, рече тој.
Од она што го видел во Охрид, како позитивни предуслови ги посочи едноставноста во живеењето, безбедноста, природниот однос кон туристите што, според него, имаат голема вредност.
Голем број туристи се заморени од искомерцијализирани места како Сан Тропе, што е стресно, има луѓе што сакаат да се релаксираат, да читаат книга покрај езерото. Тоа е одличен предуслов. Секое место мора да си го пронајде својот адут, што е она што го има и би било причината зошто би можело да биде привлечно за одредена категорија туристи, рече Бијаџини.
Како потреба ја посочи поддршката од локалната и националната власт во зачувувањето на локалните производи, локалните земјоделски продукти, како охридскиот домат, црешата, кромидот…
Се соочуваме со сличен проблем во Италија преку загрозеноста на портокалите од Сицилија, млекото на Сардинија со напливот комерцијализирани продукти… Мое лично мислење е дека правилата мора да се менуваат, во насока на зачувување на особеностите на секој регион. Европа мора да ги почитува особеностите на секој регион, од менталитетот на населението сè до локалните производи, изјави Бијаџини.
Според него, секој град треба да се наметне на туристичката мапа со својата особеност. Да се идентификуваат причините што би биле нагласени како особености, независно дали тоа ќе биде културата на живеењето, природните убавини, што на Охрид воопшто не му недостига. Смета дека воопшто не би било вишок, дури и пожелно е на тоа да се додадат некои посебности што би го издвоиле од останатите дестинации и би биле интересни за потенцијалните гости.
Бидете уверени дека голем број туристи сакаат да пробаат нешто ново, нешто поинакво, нешто локално, но квалитетно. Најважното е никогаш да не го губите идентитетот. Менувајте, воведувајте нови практики, нови методи, нова понуда, но држете се до посебното, истото да биде јасно нагласено, потенцирано. Она што туристот ќе го пренесе како искуство кога ќе се врати дома. Да се изработи туристички водич за регионот, со појаснувања за сè што може да понуди. Откако ќе влезе во ресторан гостинот веќе генерално заборава каде се наоѓа, тука се фокусира врз квалитетот на храната и оттаму нема место за импровизации, неопходен е квалитет на кој веќе гостинот е навикнат. Не секогаш парите се прашање, цената не е главниот предуслов, туристите се подготвени да платат повеќе за нешто добро, забележува тој.
Бијаџини најави дека по враќањето во Милано ќе објави статија во неговото специјализирано списание за личните искуства од престојот во Охрид, како што рече, со објективно презентирање на реалната слика за понудата на регионот.
Целта сега е да се потенцираат добрите искуства, нагласување на добрите практики и намалување на слабостите. Не просто рекламирање на Охрид, туку реална слика за позитивните страни што би биле интересни за потенцијалниот туристички пазар на северна Италија, вели Бијаџини.
Comments are closed for this post.