Поранешниот албански амбасадор во Приштина, Ислам Лаука, изјави дека „Косово е во опасност од домашната змија“, мислејќи на косовскиот претседател Хашим Тачи и неговата идеја за корекција на границите и за размена на територии.
Во интервју за албанскиот весник „FaxNews“, Лаука го вперува прстот кон косовскиот претседател нарекувајќи го поддржувач на српската теза, а одговара и на прашањето зошто му дава епитет змија на Тача.
Култот за змијата е позитивен култ и во суштина е заштита од злото. Но овдека имаме еден друг опис за змијата. Претседателот кој треба да ја брани територијата, излезе со многу штетна теза. Да се посредува по ова прашање треба да се има отстапки, но отстапки за кого? Косово ги направи своите отстапки во Виенската комисија во 2005 година – смета Лаука.
Според него, штетноста на изјавите на Тачи се гледа во фактот дека за една година откако е пласирана оваа теза Косово не го признала ни една држава.
Јас отворено се противам на претседателот Тачи или на Реџеп Косја или на другите помали од нив како поддржувачи на српската теза – додава Лаука.
Изјавите за обедување на Косово и Албанија според него се шпекулации.
Тие не зборуваат за вистинско обединување. Ова е многу сериозна кауза која треба да се реализира од сериозни луѓе. И покрај изјавите на Вучиќ, тој во основа е за обединување. Во суштина, Вучиќ го мрази Косово и не сака да го гледа слободно – вели Лаука.
Тој смета дека околу идејата за размена на територии нема единство и им порачува на политичарите да бидат повоздржани и поодговорни при давањето изјави.
Според него, разговорите со Србија се потребни и мора да се постигне договор, но не по секоја цена или какви било услови.
Во врска со политичката криза во Албанија тој смета дека оној кој треба да попушти е тој кој има власт.
Најприфатливо решение за мене би било одложување на изборите. Тие треба да седнат и да ги одложат изборите. Мислам дека решението не доаѓа од странци. Ајде да ги оставиме странците да ги гледаат своите проблеми, бидејќи Европа е навистина зафатена сега. Решението го имаме тука, па треба да се седне, но одговорно без да се бараат меѓународни претставници – оценува албански дипломат од кариера.
Comments are closed for this post.