Новиот генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски вели дека негово било барањето да отстапи од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
СДСМ направи длабинска анализа во претходниот период, заедно со претседателот и Централниот одбор на вчерашната седница по четиричасовна демократска и отворена дебата со огромно единство ги констатираше оставките на генералниот секретар и потпретседателите на партијата, со што се отвори можност за избор на нови. Токму затоа барав да отстапам од позицијата министер за да може длабински, темелно и целосно да се посветам на надградбата на внатрешната организација на партијата, вели Николовски во централниот дневник на 1 ТВ.
Промената во партијата, како што истакнува, значи дека се констатирани слабостите и оти е потребна надградба на целиот систем и отворање на партијата за професионални и квалитетни луѓе.
Според Николовски, целата постапка би требало да трае околу три недели, а паралелно ќе се бира и новото раководство затоа што во моментов е разрешен и Извршниот одбор.
На прашање дали е човек на Радмила Шекеринска или на Зоран Заев, Николовски одговори дека во СДСМ постои огромно единство.
Постои огромно единство во СДСМ. Вчерашната дебата покажа дека такви одлуки се носат во една силна демократска атмосфера. Имаше различни ставови за различни политики, секогаш сме имале отворена дебата. И претходно имало членови од партијата, раководството или Централниот одбор кои различно дискутирале од претседателот Заев. Но имаме огромно единство, нашата цел е победа на следните парламентарни избори, рече Николовски.
Comments are closed for this post.