Ароганцијата, неисполнувањето на очекувањата, непотизмот, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, се дел од критериумите кои премиерот Зоран Заев ги најави како клучни при ценењето за промените во владините структури. Таканаречената операција “метла” тој ја најави за јуни.
Откако премиерот Зоран Заев ја најави т.н метла, веднаш по првиот круг претседателски избори, јавноста не престана да шпекулира и да прогнозира, кого ќе замете метлата на Заев?
ПресингТВ излезе на терен да го опипа пулсот на граѓаните.
Поголемиот дел од анкетираните сметаат дека Заев треба да „исчисти“ функционери од сите нивоа на власт.
„Не само на државно и на локално ниво, по општините исто така. Ниедно одделение, од Министерството за правда, за образование не ја вршат работата така како што треба. Граѓаните тоа јасно го кажаа“, вели еден граѓанин.
Дел од анкетираните се скептици и не веруваат дека таканаречената метла ќе има некаков ефект.
„Нема да игра метлата, верувај! Тоа е само нивно оправдување, метла ќе има! Кај ќе има метла, да чистат ходниците? Пак ќе си останат истите!, истакна еден граѓанин.
Една од анкетираните граѓанки пак, смета дека актуелните оставки периодов се последица на најавата за т.н метла.
„Гледам деновиве си даваат оставки, самите си се препознаваат, некои од раководителите, директорите… Најверојатно претпоставуваат дека не одговориле точно на задачите“, смета една од граѓанките.
Голем дел од граѓаните не сакаа да говорат на оваа тема и избегнуваа да зборуваат пред камерата на ПресингТВ, под изговор дека не ги интересира политика.
Comments are closed for this post.