Антикорупционерите на денешната седница одлучија да покренат кривична постапка преку Основното јавно обвинителство против поранешниот претседател на скопскиот суд, Владимир Панчевски и службени лица во него. Причината е незаконското вработување на внукот на Панчевски, Јордан Тасевски, во 2015 година.
Според оценка на антикорупционерите, вработувањето ги надминува границите на непотизам и длабоко влегува во сферата на криминалот и злоупотребата на службената должност и овластувањата.
По проверка на достапната документација, антикорупционерите утврдиле дека Тасевски воопшто не се пријавил на конкурсот за вработување на помлад судски соработник, а потребните документи ги поднесувал со задоцнување и непочитување на законски утврдените рокови. Притоа, имало и низа заткулисни игри околу (не)информирањето на кандидатите, кои првично ги имале првите места на ранг листата, што значело и нивно вработување.
Панчевски: Не сум одлучувал за вработувањата
Панчевски за Пресинг Тв изјави дека согласно законските одредби кривична пријава може да поднесе секој.
Антикорупционерите имаат право на тоа. Јас немам коментар. Можам само да кажам дека не сум јас тој што одлучувал за вработувањата, но да оставиме да видиме како ќе течат работите, изјави Панчевски.
Comments are closed for this post.