Владата го повика Судскиот совет да го прифати решението со кое се обезбедува надомест на штетата на вработените во судската служба, што настанала како резултат на штрајкот во мај 2016 година.
Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека Владата на Република Северна Македонија остварила повеќе работни средби со претседателите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (Синдикатот на УПОЗ) и на Судскиот совет на Република Северна Македонија и нивни претставници, заради изнаоѓање решение во врска со враќањето на задржаните средства на вработените во судската служба за време на штрајкот во периодот од 18 мај до 15 јули 2016 година.
Во текот на остварените контакти, Владата изразила разбирање за наведениот проблем и јасно ја искажала волјата и подготвеноста за решавање на истиот, преземајќи ја обврската за обезбедување на паричните средства.
Сепак, и покрај тоа што Владата ги обезбедила потребните парични средства, Судскиот буџетски совет доставил известување до Владата, дека за време на штрајкот на судската администрација во 2016-та година, претседателите на судовите извршиле исплата на плата согласно со член 77 од Законот за судска служба, односно на учесниците во штрајкот им исплатиле плата во висина од 60% од платата што ја примиле претходниот месец. Со ова објаснување, Судскиот совет ја известил Владата дека не ја прифаќа Предлог спогодбата на Синдикатот на УПОЗ за исплата на задржаните парични средства од платите на штрајкувачите.
Во соопштението Владата укажува на подготвеноста да се излезе во пресрет на вработените на судската служба и ги повикува сите засегнати страни, особено Судскиот совет, да ја препознаат социјалната, демократската и економската вредност на решението кое е во корист на обезбедувања мотивирана и ефикасна служба во судовите.
Comments are closed for this post.