Премиерот Зоран Заев денеска изрази оптимизам дека е можно деновиве пред објавување на извештајот од ЕК да се дојде до решение за статусот на СЈО, во рамки на предлог законот за Јавното обвинителство. Според министерката за правда Рената Дескоска, која информира дека се уште нема закажано нова средба, многу работи во нашата држава се решавале во последен момент така што, потенцира, се е можно.

Мислам дека можеме овие денови пред објавување на извештајот на 29 мај да го заокружиме овој процес и двете условно кажано страни  во преговарачкиот процес да објават дека е постигнат договор, изјави Заев по денешната дебата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.

Додаде дека знае оти во одредени моменти има приближувања, па, како што рече, за некои детали ќе застанат, но процесот, оцени, се движи кон успешно завршување.

Тоа е важно заради тоа што и самиот извештај ќе биде позитивен, но не би требало да оставиме како држава каков било аргумент на Економскиот совет, кој е претставен од земјите членки. Да не дозволиме да имаме каква било дамка или причина за кој било и било што да одоговлекува, порача претседателот на Владата.