Лондонската полиција ги заплени предметите на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, што ги остави зад себе во амбасадата на Еквадор откако земјата му го повлече статусот на азил, а полицијата го уапси на 11 април.


Во неделата, весникот „Ел Паис“ објави дека Еквадор ќе им дозволат пристап на САД до мобилните телефони, компјутерите, мемориските картички и другите уреди за складирање податоци по претресот на просториите во кои Асанж живеел речиси седум години.

Адвокатот на канцеларијата на Еквадор го информирал адвокатот на Асанж, Карлос Поведа за таквата одлука.

На ова, координаторот на одбраната на Асанж во судот, Балтазар Гарсон, реагирал дека со ваквата одлука на еквадорската страна целосно се прекршува институцијата азил.

Вашингтон, кој бара екстрадиција на Асанж по обвиненија за заговор за извршување на компјутерски напад, до 12. јуни треба да му ги обезбеди на Лондон сите потребни документи по ова прашање.

Основачот на Викиликс беше уапсен во главниот град на Велика Британија на 11-ти април, откако Еквадор го укина статусот на азил. Потоа тој беше осуден на 50 недели затвор.