Гласачките места во вториот круг од претседателските избори се отворени на време и не се забележани неправилности во досегашното спроведување на гласањето, покажуваат информациите на набљудувачите и регионалните координатори на Граѓанската адоцијација МОСТ кои се распоредени на гласачките места.
Како што соопштија од МОСТ, гласањето го следат со повеќе од 1.500 набљудувачи, кои се распоредени на 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, со што се покриени 33 отсто од вкупниот број гласачки места во Република Македонија. Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден.
Освен тоа, МОСТ има распоредено и 100 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Како што потенцираат од граѓанската асоцијација, набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано „Monitoring 2019“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за вториот круг од изборите.
Во текот на денот, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Проектот „Домашно набљудување на претседателските и локалните избори за градоначалник во Охрид, Ново Село и Дебар 2019″ е поддржан од: Британската амбасада Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Националниот фонд за Демократија (НЕД) како и од страна на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Comments are closed for this post.