Во земјава мора да се преброи точниот број на овци, смета Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци. Според проценките на асоцијацијата, на пасиштата има околу 450.000 овци, а официјално субвенции се земаат за над 700.000 овци.
За исплата на субвенции Платежната агенција има пријавено 710.000 овци, што не се ни согласуваме. Затоа бараме да се изврши ревизија, да се изврши повторно броење на овците и веруваме дека ќе се појават голем број на фантомски одгледувачи. Парите што ги земаат фантомските одгледувачи повторно ќе бидат наменети за сточарството и ќе бидат распределени. Јас мислам дека тие пари ќе ја покријат разликата на јагнето меѓу производната и продажната цена, вели Шаклев.
Тој смета дека во изминатите години за намалување на сточниот фонд влијаеше иселувањето на младите од селата, но и ниската откупна цена на јагнето, млекото, како и високите плати кои одгледувачите ги даваат на овчарите. Платата на еден овчар се движи од 800 до 900 евра.
Шаклев потенцира дека ресорното министерство има разбирање за проблемите во сточарство и веќе во таа насока се направени и повеќе разговори и средби, а по изборите смета дека сточарите ќе добијат и одредени субвенции со цел да им се ублажи состојбата.
Според информациите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе се прави ревизија, односно попис на стоката на терен, со што ќе се прекине со манипулациите и ќе се овозможи правилно субвенционирање на вистинските сточари, со цел да се зголеми и сточниот фонд.
Comments are closed for this post.