Последното истражување на Евробарометар открива загрижувачки трендови кај европското население во врска со вакцините.
И покрај тоа што огромното мнозинство европски граѓани сметаат дека вакцините се важни, 48 отсто од нив мислат дека вакцините имаат сериозни нус ефекти, а една третина веруваат дека вакцините можат да ја предизвикаат болеста против која имунизираат, покажуваат податоците на Евробарометар. И двете верувања се неточни, потсетува студијата.
Во половина од земјите членки ваквите мислења достигнуваат и над 50 отсто од населението, вклучувајќи ги и Франција и Италија.
Европејците исто така имаат погрешна слика за тоа кои болести можат да бидат фатални, па така младите европски граѓани меѓу 15 и 24 годишна возраст се склони кон верување дека морбили и менингитис не се смртоносни.
Овие наоди доаѓаат во време кога европскиот континент се соочува со намалена стапка на имунизација на населението и сѐ почести епидемии на болести кои можат да се спречат со редовна вакцинација.
Европската Комисија потсети дека во периодот меѓу 2016 и 2017 година, бројот на морбили е зголемен за три пати во ЕУ, и предупреди дека со намалувањето на стапката на вакцинација постои ризик повторно да се појави една од најсмртоносните болести, полио, на континентот. Сѐ помалку луѓе се вакцинираат и против грип во последните години.
Според студијата на Евробарометар, најлошо информирани за вакцините се граѓаните во Бугарија, Летонија и Кипар.
Потпретседателот на Европската Комисија, Јирки Катаинен, потсети дека вакцинацијата е „најефикасниот начин за борба против болестите”.
„Ако не сум вакциниран, другите можат од тоа да страдаат“, порача Катаинен.
Европската Комисија нема надлежност за креирање политики на европско ниво во делот на вакцинациите, само да нуди препораки до земјите членки.
„Едноставно немаме надлежност во овој дел, треба да се менуваат повелбите за тоа, затоа поддржуваме соработка на доброволна база“, рече комесарот.
Comments are closed for this post.