Прослава на животот на Горан Стефановски во Дебар Маало е насловен настанот кој ќе се одржи денеска точно напладне во парк триаголниот, кај споменикот „Јас и Ти“, спорти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“.
Церемонија ја организираат семејството на истакнатиот македонски драматург, кој почина лани во ноември во Англија, заедно со Општина Центар.
По иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), настанот ќе почне со садење на дрво, што, како што вели неговото семејство, го претставува и неговото духовно враќање дома. Дебар Маало беше едно од омилените места на Стефановски во Скопје, кој повеќе од две децении живееше во Велика Британија.
„Дебар Маало има култно, скоро митско место во современата македонска култура. Голем удел во креирањето на тоа имаше покојниот писател, професор и вљубеник во маалото – Горан Стефановски. Паркчето е на онаа раскрсница што за него и други претставува не само срце на Дебар Маало, туку и поим за едно минато време во нашиот град — време на цврсти столбови на вредности, почит и добрососедски односи. Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебар Маало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма ‘Демонот од Дебар Маало‘, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и Идадија. ‘Без маало нема држава!’‘“, вели неговото семејство.
Настанот ќе содржи прикажување на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови, слушање на неговата најомилена музика, и „отворен микрофон“ на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.
Comments are closed for this post.