Во вториот натпревар од бараж-серијата, МЗТ Скопје не успеа пред своите гледачи да го совлада Задар и да обезбеди учество во АБА 1 лигата. Загуби со 77:78 (43:35), по што резултатот во меѓусебните дуели беше израмнет на 1:1.
За влез во елитата на регионалното кошаркарско натпреварување, двата тима ќе играат мајсторка во Хрватска.
Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, изјави дека противникот одиграл попаметно во второто полувреме, иако немаше да биде незаслужено и „сино-белите” да забележат победа.
„Честитки до Задар. Беа доста попаметни во второто полувреме и тоа го искористија, иако немаше да биде незаслужено и ние да победевме. Беше еден цврст натпревар иако имавме на неколку пати добра предност, тоа сепак ништо незначи со екипа како што е Задар“, изјави Кочов веднаш по поразот на домашен терен.
Според него, „металците” не нашле одговор на играта на противникот со тројца високи кошаркари.
„Ни останува да го анализираме натпреварот, но во Задар ќе дадеме се од себе за да победиме уште еднаш иако тоа ќе биде многу тешко. Жалам што не победивме за публиката која дојде во толкав број“, додаде тренерот на МЗТ.
Разочараност изразија навивачите во салата, кои бурно реагираа по последниот звук на сирената.
„Што треба да дадам оставка и да го оставам тимот на цедило? Тоа би било лудо. Постои управа која ќе ја разгледува мојата работа, а свесен сум дека одговорност секогаш сноси тренерот. Не смееме да заборавиме дека наша цел на стартот беше влез меѓу четирите најдобри во АБА2, а еве игравме во баражот за елитата во кој бевме на чекор до победата. За жал не славевме, иако многу го посакувавме тоа“, изјави Кочов.
На новинарско прашање за шансите на гостувањето во Хрватска, Кочов смета дека Задар ќе ја има предноста на домашниот терен.
“Ние не успеавме да ја искористиме шансата. Како што Задар реагираше лошо на домашен терен, истото ни се случи и нас. Бевме друга екипа, и тука и таму, имавме шанси во третата четвртина при кои требаше да се шутира, но ние не го направивме тоа. Тоа можам да го разберам како деконцентрација или бегање од одговорност, но немам намера никого да обвинувам. Одговорност носи тренерот. Јас сум задоволен што покажаа играчите во текот на целата сезона, АБА-2 е тешка лига, имаа и подеми и падови, но тоа е спортот. Јас сум задоволен од тоашто го прикажаа“, заврши Кочов.
Мајсторката ќе се игра на 30 април со почеток од 17 часот.
Comments are closed for this post.