Нотр Дам не е само катедрала или остаток од една епоха кога луѓето гледале кон небото, пишува весникот „Фигаро“. Таа е наш заеднички дом во кој се продава нашата историја. Таа е еден непроценлив за Франција објект, што вчера беше опустошен од пламените јазици.
Кадри кои те оставаат без зборови. Еден од најпознатите француски споменици беше обвиен од пламени јазици, а димот од пожарот се издигаше високо во небото над Париз, вели „Паризиен“.
Катедралата Нотр Дам во Париз, во која вчера избувна пожар, е катедрала на поезијата и извор на литературна инспирација, пишува „Монд“. Објектот инспирирал мноштво писатели како француски (меѓу кои во прв ред Виктор Иго), така и странски, кои во своите дела го изразиле својот восхит од катедралата.
Сведок на револуции, на успони и падови на империи, катедралата Нотр Дам се возвишува над Париз повеќе од 850 години. Меѓутоа, синоќа за само 63 минути историската катедрала, еден од најпосетуваните од туристи објект во светот, беше обвиена во пламен, а нејзината прочуена дрвена кула изгоре и се урна, пишува британски „Индипенднт“.
Нашиот Нотр Дам гори! Мојот Париз! Скршен сум, пишув новинарот Бенедикт Павио за „Дејли телеграф“. Ужасно е да гледам како огромни пламени јазици ја голтаат и уништуват катедралата Нотр Дам. Кадрите се ужасни, неопишливи. Силни емоции и чувства на беспомошност ме обземаат да гледам како огнот ја опустошува импресивна и прекрасна 850-годишна катедрала, вели Павио.
Ние патиме поради нашата Нотр Дам. Катедралата секогаш била повеќе од форма на готската величенственост на Франција, пишува новинарката Кристин Окран за „Гардијан“.
Кога видовме како кулата на катедралата се крши и паѓа, почувствувавме како да се забива директно во нашите срца. За сите нас и за цела Франција, независно дали сме или не сме христијани, дали сме верници или атеисти, Нотр Дам секогаш била нешто повеќе од велелепна готска катедрала, забележува авторката.
Катедралата Нотр Дам, симбол на убавината и на историјата на Париз, синоќа беше обезличена од силен пожар, што доведе до уривање на нејзината кула и го исполни небото над Париз со дим и уште повеќе обесхрабри еден град во кој со недели има извесна затегнатост од насилни демонстрации, пишува „Њујорк тајмс“.
Пожарот во Нотр Дам е удар врз Париз и се она што тој го претставува, вели „Вашингтон пост“. Нотр Дам, која е срцето на Париз во преносна и во буквална смисла, веќе речиси не постои. Фасадата и камбанариите на катедралата се сочувани, но штетата е непроценлива.
Comments are closed for this post.