Во реонот на Азот во Општина Чашка богата со шуми и природни убавини и денеска беснее големиот шумски пожар на потегот над селата Богомила, Габровник и Мокрени.
Со пожарот е зафатена голема површина со околу 50 хектари под висока дабова шума и бука, а го гаснат екипи на ШС „Бабуна“ и пожарникари од ТППЕ Велес.
Поради силината на пожарот, секој момент треба да започне дејствувањето со двата авиони за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување, информираат за МИА од Противпожарната единица од Велес.
Вчера попладне околу 17 часот целосно бил изгаснат и пожарот кај село Капиново што беснееше во изминатиот викенд. Исто така изгаснат е и пожарот над селото Ореше во месноста викана Орешка Чука каде исто така гореше дабова и друг вид на шума.
Во пожарите во велешко се вклучени вработени од ШС „Бабуна“ кои деноноќно се на терен, а помош добиваат и од пожарникарите од ТППЕ од Велес.
Comments are closed for this post.