Некому ќе му звучи можеби, моментно, нереално, но соочувањето со реалноста секогаш била болна. Уште повеќе ако таа се гледа со убави, розови очила. Судејќи според два настапа на млади социјалдемократи, човек не може, а да не се запраша дали наместо здрава, критичка мисла, каква што доликува на образовани луѓе за 21 век, во нивните глави се вградени чипови од времето на градење на култ на личност! Време обележано со максимално негативен историски наратив, кој нема и не смее да има никаква допирна точка со плурализмот и демократијата. Уште помалку со глобализмот и отвореното општество. Единствено ако не мислат да ни ја манифестираат во пракса Соросовата максима дека само комунистите можат да го декомпонират комунизмот.
Не така одамна, истите тие наследници на комунизмот или модерни социјалдемократи, само една генерација пред нив, трчаа да му бакнат рака на Папата. Не, не, не на тој правиот од Ватикан, кого го чекаме наскоро на плоштадот „Македонија“ во Скопје. На Папата од „Бихаќка“ или „Павел Шатева“ по ново. Или, тој е веќе минато, што треба што поскоро да се заборави, зашто е претставник на мрачната транзиција и на македонскиот национализам како последно скривалиште на нашиот комунизам со човечки лик! А, новата генерација, нели, нема ништо заедничко со национализмот, зашто со доаѓањето на новиот партиски лидер одеднаш, така преку ноќ расчистила со него. Оние постарите, пак, што многу добро ги паметат тие времиња, а богами биле и составни делови од различни кабинети на Папата се само рестлови, кои како добро обучени шнајдери до милиметар „прецизно“ ни ги прават политичките шнитови за актуелната сегашност и поблиската иднина. Зашто, деценија, две не се ништо од аспект на историјата, нели.
И токму во името на таа иднина, младите чипирани социјалдемократи почнуваат да „шнираат“ прикаска дека актуелниот премиер за едно деценија, две ќе го споменуваме исто како што до ден денес генерации и генерации Македонци го споменуваат и паметат ликот и делото на маршалот и доживотен претседател на поранешната заедничка ЈУ-федерација, Тито! Значи, и по Тито-Тито! Да, тоа беше основното гесло по смртта на маршалот, на кое, еве сега, се обидуваат да не вратат разно-разни каевци или кумановски женски вљубени во својот партиски лидер. Ама не како одраз на лажната ју-носталгија, туку во името на светлата иднина. Останува уште и тие да почнат да трчат за да му бакнат рака на новиот Тито. Или Папа?! Само што актуелниот ватикански Папа веќе отворено стравува, избегнува и внимава кому ќе му дозволи да го стори тоа.
Ако актуелниот премиер ни е новиот Тито, тогаш има сериозни „дупки“ во политичката матрица на младите социјалдемократи. Да не биде генерализирано, еве ќе речеме кај поединци. Зашто, ако истовремено со отворените критики на сметка на тоа што некој некогаш сакал и ја „питал“ бабата за да му каже нешто и со тоа се доведува во прашање Договорот за добрососедство со Бугарија, тогаш од споменувањето на Тито и неговото поистоветување со нашиот премиер, тогаш на бугарскиот Бојко Борисов сигурно му се крева косата на глава. Иако, има модерен, така ниско поткастрен машаки фриз. Зашто, целото наше соседство, наспроти грдиот лик на Македонецот, нели, токму во ликот и делото на Тито ја гледаа „вештачката и државна и национална рожба“ на Македонците. Или, на тоа треба веќе да заборавиме! И онака историјата почнуваме да ја пишуваме од чист бел лист хартија! А, и онака работит се свртеа, па тврдокорните Македонци станаа новокомпонирани Бугари, Бугарите обратно-Македонци, србокомунистите-ванчомихајловисти и врховисти…
Comments are closed for this post.