Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре закаже две собраниски седници (93 и 94) на кои ќе се изгласуваат законите кои претседателот на државата Ѓорге Иванов не ги потпиша.
Ова значи дека власта има обезбедено 61 глас колку што се потребни за да се изгласаат вратените 11 закони. Ова денес го потврди и вицепремиерот Бујар Османи, кој одговарајќи на новинарско прашање рече дека Џафери ја закажал седницата уверен дека е обезбедено потребното мнозинство.
Според законските процедури, законите кои не се потпишани од претседателот на државата се враќаат повторно во Собранието, но иако во првата постапка за нивно изгласување било потребно двотретинско мнозинство, сега тие можат да поминат со просто мнозинство, односно со 61 глас.
Според податоците на Собранието , претседателот Иванов не ги потпишал законите за:
Закон за изменување на Законот за Оперативно-техничка агенција, Закон за ратификација на спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образованието, науката, културата, мас медиумите, млади и спорт, Закон за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, Закон за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, Закон за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории како и указите за прогласување на 5 закони донесени на 04.03.2019 и на 06.03.2019 година:
Закон за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, Закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, Закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, Закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, Закон за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Претседателот д-р Ѓорге Иванов, според образложението, указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата, секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и, како што вели, ќе ги брани интересите на Република Македонија.
Фадил Зендели од Беса верува дека ако имало мнозинство да се усвојат законите во прво битната постапка и сега ќе има мнозинство.
Артан Груби од ДУИ пак вратените закони од Иванов се најдобар пример зошто на Македонија и треба различен претседател од него, кој ќе биде консензуален и ќе го почитува Уставот.
Comments are closed for this post.