По повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, во Градскиот парк кај Школка се одржува хуманитарна трка за деца со Даунов синдром – „Run for Down“, во организација на Мечувалечкиот клуб „Ескрим“, кој четврта година по ред го организира хуманитарниот настан за овие лица.
Организаторката на трката и претседателка на клубот „Ескрим“, Билјана Кузмановска, за МИА изјави дека мечувалечкиот клуб разви платформа со која се вклучи во работата со лица со попреченост, поточно работа со деца со Даунов синдром, и оти има видлив напредок во нивниот целокупен развој.
Кузмановска вели дека мечувањето како спорт е исклучителен за здрав психофизички развој на децата и младите, бидејќи дава широка палета на способности што се развиваат.
Веќе пет години работиме волонтерски со овие дечиња, за кои набавивме специјална опрема за мечување од Шведска, а и ние како тренери се едуциравме за оваа работа во Кралството Шведска – изјави за МИА Кузмановска.
Таа посочува дека со овие деца работат вежби за развивање на моториката, одржување на тонусот на мускулите, како и вежби што им овозможуваат поголема самостојност во животот и што им го олеснуваат секојдневието.
Кузмановска истакнува дека нивната активност придонела за подигнување на свеста за овие лица, а реакцијата, вели Кузмановска, дури и кај општествено одговорните компании пред пет години и денес не е иста.
Оваа година веќе имаме компании што се пријавуваат за учество на хуманитарната трка со свои тимови. Во последните две – три години почнаа и други спортски клубови да ги отвораат вратите за децата со Даунов синдром, така што тие имаат повеќе активности како избор каде би можеле да учествуваат – додава Кузмановска.
Кузмановска вели дека сè поголем број луѓе се вклучуваат во овој хуманитарен настан, а оваа година средствата собрани од котизацијата ќе бидат наменети за Дневниот центар за деца со Даунов синдром.
Comments are closed for this post.