Сириските безбедносни сили прогласија крај на калифатот. Портпаролот на СДФ кажа дека ова е „стопроцентен територијален пораз на Исламска држава“, која на врвот на својата моќ контролираше територија од 88.000 квадратни километри во Ирак и Сирија, што ѝ овозможуваше да планира и изведува терористички напади низ цел свет.

Сириските безбедносни сили прогласуваат тотална елиминација на таканаречениот калифат и стопроцентен територијален пораз на Исламска држава. На овој уникатен ден, оддаваме почит на илјадници маченици кои ја овозможија оваа победа“, изјави шефот на комуникациите на СДФ, Мустафа Бали.

Алијансата предводена од Курдите и поддржана од воздушните напади на САД овој месец ја почна конечната офензива против Исламска држава, чии преостанати борци беа утврдени во и околу селото Бангуз во источна Сирија. Напредувањето одеше бавно и внимателно поради голем број цивили засопнети во згради, тунели и пештери.


Снимката која деновиве беше објавена ги прикажува размерите на масовното предавање на џихадистите. Снимката ја објави сирискиот новинар Мохамед Хасан. „Најдолгата колона припадници на ИСИС од различни националности им се предаде на Сириските демократски сили“, напиша тој на Твитер.

Сепак, се верува дека групата е далеку од целосно поразена. САД проценуваат дека таа и натаму има меѓу 15.000 и 20.000 свои припадници во регионот, подготвени повторно да дејствуваат.