Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ попладнево во Министерството за правда продолжуваат со обидите да ги надминат разликите за СЈО. Кај мнозинството постои оптимизам дека може да се дојде до договор, ВМРО-ДПМНЕ постави услови.
Опозициската партија вчера ги достави своите барања за кои инсистираат да бидат дел од предлог-законот, за кој сметаат дека има голем правен вакум.
Во насока да се реформира и реорганизира организациската структура на Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ бара да се прифатат следните три принципи: целосно имплементирање на меѓународните стандарди кои се однесуваат на Обвинителството и обвинителите, принцип на заштита на човековите права и принцип на независност, неутралност, отчетност, ефикасност и ефективност во борбата со криминалот“, рече лидерот на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за законите за Обвинителството, адвокатот Тони Менкиноски.
ВМРО-ДПМНЕ бара СЈО да биде оддел на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, нов обвинител на местото на Катица Јанева, како и проширување на делокругот на предметите. Исто такаа бараат и формирање на Анкетна комисија која ќе ја оцени досегашната работа на СЈО.
Со досегашниот несериозен однос во процесот на носење на законот за Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на нашите граѓани“, оценуваат од Министерството за правда.
Оттаму информираа дека во документот кој го доставиле од ВМРО-ДПМНЕ се наведени три барања и тоа – изборот на јавен обвинител да биде на предлог на опозицијата, прекинување на сите постапки кои се покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година и СЈО да биде организирано како одделение во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во однос на првото барање од Министерството за правда упатуваат на решенијата во Уставот каде е прецизирано кој го предлага јавниот обвинител и со какво мнозинство тој се избира, додека во однос на второто барање оценуваат дека „тоа практично значи признавање на постоење на криминал и барање на амнестија“.
Во врска со третото барање, од ресорното Министерство наведуваат дека тоа би значело разводнување на капацитетите кои СЈО веќе ги поседува и ослабување на ефикасните механизми за борба против криминалот и корупцијата.
Граѓанските организации бараат да се слушне нивниот глас за СЈО.
Од Министерството за правда тврдат дека и досега никој не им го ускратил тоа право.
Comments are closed for this post.