Во трката за градоначалник на Дебар, Демократската унија за интеграција, на предвремените локални избори, на 21 април, ќе учествува со доктор Хекуран Дука, познат уролог, кој е актуелен вршител на должноста градоначалник.
Едногласна одлука за тоа синоќа донесе Претседателството на разгранокот на ДУИ за Дебар, на која за претседател на Изборниот штаб на разгранокот го избра Артин Спахиу.
Д-р Хекуран Дука е роден 1963 година во Дебар, оженет, татко на три деца. Средно образование завршил во родниот град, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што завршил специјализација по урологија. Вработен е во Општата болница во Дебар од 1994 година.
На последните локални избори, во 2017година беше дел од кандидатската листа на ДУИ и беше избран за советник во Советот на општината.
Ова е втора официјална кандидатура за градоначалник на Дебар. Претходно Алијансата за Албанците го соопшти својот кандидат, д-р Арбен Аголи, познат дебарски педијатар. Поддршка на Аголи му даде и Движењето „Беса“.
Д-р Аголи е роден во Дебар 1959 годна, оженет, татко на две деца. Средно образование завршил во Дебар, дипломирал на Медицинскиот факултет во Приштина а специјализирал педијатрија во Скопје. Во струката има 34 годишен стаж,од кои 20 години како педијатар. Од 2004 година работи како матичен педијатар.
Паралелно со претседателските избори, на 21 април годинава, ќе се одржат и предвремени локални избори во Дебар, Охрид и Ново Село, каде во моментов има в.д. градоначалници.
Ново Село остана без градоначалник, бидејќи Боро Стојчев, осуден на шестмесечна затворска казна за шверц на цигари, си поднесе оставка на почетокот на октомври. Дебар и Охрид се без градоначалници по смртта на Ружди Љата и Јован Стојаноски.
Comments are closed for this post.