Од 82 брисеви земени од деца при рутински преглед од Центарот за јавно здравје во текот на изминатите десет дена, три се покажале позитивни на бактеријата МРСА.

„Од 4 март до вчера поради појава на бактеријата МРСА кај некои деца во рутински преглед земени се брисеви од нос. Земавме околу 130 бриса. Кај 82 беа завршени, а 48 се во тек. Од тие 82, позитивни на бактеријата „МРСА“ се три“, изјави д-р Александар Стојанов од Центарот за јавно здравје денеска пред Министерството за здравство.

Посочи дека дека состојбата е тековна и оти ова е сосема нормална ситуација.

„Во ниту една стручна литература не се опишува бактеријата како смртоносна, таа е резистентна на одредени вообичаени антибиотици, но тоа не значи дека нема антибиотици што делуваат“, изјави Стојанов.

Додаде дека нема никакво епидемиолошко медицинско оправдување родителите да се загрижени и оти нема потреба да одат пред училиштата и да бараат од цело училиште да се земат брисови или да се дезинфицира, затоа што, како што посочи Стојанов, оваа бактерија се пренесува со директен контакт од кожа на кожа, а не преку предмети или воздух.