Специјалисти гинеколози ќе работат како матични лекари во општините каде нема ниту еден гинеколог. Во градовите, пак, каде што нема доволен број гинеколози, семејните лекари ќе може да даваат пакет гинеколошки услуги. Ваквата одлука доаѓа како обид да се реши проблемот со недостатокот од гинеколошки кадар во неколку градови и општини.
Ова особено важи за Македонски брод, Демир Хисар, Крушево и Пробиштип, каде што има повеќе од 16.000 жени, коишто имаат потешкотии во пристапот до гинеколошки услуги.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, проблемот не е во недостатокот од гинеколози, туку во лошите здравствени политики, според кои се распоредуваат лекарите по региони. Токму недостатокот од овој кадар се вбројува во една од причините за високата смртност на новороденчиња во земјава. Минатата година починале 24 новороденчиња. Здравствените власти тврдат дека смртноста во споредба со минатата година е намалена за 30 отсто.
Според податоците од Комитетот за безбедно мајчинство во изминативе десет години се намалува наталитетот. Најмал број на породувања е регистриран во 2017 година.
Според податоците на невладините организации, во 34 македонски општини нема матичен гинеколог, а над половина милион жени на возраст над 12 години имаат ограничена примарна гинеколошка здравствена заштита.
Comments are closed for this post.