Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Пентагон имаше средба со својот американски колега кој ја врши должноста секретар за одбрана на САД, Патрик Шанахан.

На средбата беше потврдено стратешкото партнерство на САД и Република Северна Македонија. Шекеринска и Шанахан се согласија за продлабочување на соработката во одбраната и нејзино подигнување на повисоко ниво какво што доликува на сојузници во Алијансата.

Продолжуваме заедно, со заедничко учество во мировните мисии и со уште поблиска соработка во реформските процеси и во модернизацијата на Армијата“ беше речено на средбата.

Првиот човек на одбраната на САД упати честитки за успешното решавање на спорот со Грција и рече дека тоа претставува модел за решавање на спорови меѓу две држави, кои долго време изгледале нерешливи.

Во Вашингтон министерката имаше поединечни средби и со сенаторката Џин Шахин и со сенаторот Рон Џонсон. Шекеринска од нив побара поддршка за побрза ратификација на Протоколот за членство во НАТО.

Вториот ден од работната посета на САД министерката Шекеринска го заврши со средба со директорот на Агенцијата за одбранбено разузнавање (DIA), генерал потполковник Роберт Ашли. На средбата стана збор за безбедносната состојба на Балканот и пошироко и за позитивниот ефект кој членството на Северна Македонија во НАТО ќе го има врз безбедноста во регионот, соопшти македонското Министерството за одбрана.