Повеќе од два часа трае средбата во СДСМ на која се разгледува листата со фаворити за претседателски кандидат. Лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев пред состанокот изјави дека имаат одлична листа и дека верува оти повеќе личности од таа листа може да бидат идниот претседател на Република Северна Македонија.
„Поминува Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Стево Пендаровски, Никола Димитров, Ѓорѓи Филипов, Имер Селмани, поминуваат и други личности. Јас сум демократ, јас секако ќе влијаам на овие одлуки ако претходно било што соопштам рано. Сите анализи им се достапни на оние што одлучуваат, сите, буквално сите анализи и верувам дека ќе донесеме паметна одлука, се работи за нашата држава “, изјави Заев, прашан што покажуваат анализите кој поминува и кај албанското гласачко тело и кај неопределените.
Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски, пред состанокот во седиштето на партијата рече дека разгледуваат десет клучни кандидати, а четири се фаворити согласно анкетите.
По состанокот во СДСМ, Заев ќе се сретне со Али Ахмети во хотелот Хилтон. Се очекува вечерва да падне одлука за претседателски кандиат, а таа да биде потврдена на конгресот на СДСМ во недела.
Comments are closed for this post.