Албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на главната сесија на Вториот самит на албанската дијаспора, што се одржува во Тирана, споменувајќи ги постигнатите успеси во периодот меѓу двата самита, ги спомена постигнувањата на Албанците во Северна Македонија, додавајќи дека без нив нема да ја има земјата, пренесе Топ Чанел ТВ.
Не само Албанците во Албанија што се подобри денес од она што беа во времето на првиот самит, туку тоа што беше сметано за невозможно за Албанците во Северна Македонија денеска е реалност. Во овој временски период, во парламентот на Северна Македонија се зборува на албански јазик. Ние сме заинтересирани таа држава да постои, да напредува кон евроатлантските интеграции, и Албанците таму да бидат подобри денес и во иднина, отколку што беа вчера. Без Албанците нема да има Северна Македонија, а уште помалку Северна Македонија во НАТО или во ЕУ – изјави Рама.
Тој, исто така, упати апел до Албанците во Туз, Црна Гора, да се обединат и да се откажат од „непотребните непријателства едни со други, за да победат и да раководат во првата албанска општина кај нашиот сосед“.
Обединете се и не дозволувајте повторно да бидете поразени поради непотребни непријателства – порача Рама.
Потоа го спомна историскиот предизвик пред кој се наоѓа Косово, притоа велејќи дека „најголемиот непријател на Албанците се самите Албанци“.
Предизвикот што ќе се донесе денес го одредува тоа што ќе биде по 30 години, за сѐ уште неродените. Немаше ништо поопасно и повеќе опструктивно за Албанците од тоа кога пред нив се испречија Албанците, за ситни политички интереси, претворајќи го знамето во „оружје“ за меѓусебна борба за да се открие предавникот и патриотот, доброто и злото, ѓаволот и светецот – изјави Рама.
Самиот на албанската дијаспора се одржува во органзација на министерот за дијаспора Пандели Мајко. На него присуствуваат и косовскиот претседател Хашим Тачи, претставници на политичкиот живот на Албанците од Северна Македонија, Црна Гора и пошироко.
Comments are closed for this post.