Партизацијата и злоупотребите на државните институции се симбoл на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кои донесоa пандемија на непотизам. Кабинетот на Ѓорѓе Иванов е уште една потврда дека во секоја државна институција која била раководена од кадри на ВМРО-ДПМНЕ има случаи на вработувања на роднини на функционери од оваа партија, рече на денешната прес-конференција Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.
„Денеска ќе објавиме еден актуелен случај. Анастасија Илиеска, членка на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и на ИК на Унијата на жени, поранешна државна советничка во Министерството за внатрешни работи и директорка на УЈП, вработена е како советник за безбедност во кабинетот на Иванов. Нејзината ќерка, Андреа Илиеска пак е вработена во Агенцијата за разузнавање. Оваа институција, Агенцијата за разузнавање, е под директна надлежност на Ѓорѓе Иванов.
Станува збор за многу блиски роднински врски, за овој актуелен случај во Кабинетот на Иванов постојат основани сомневања за судир на интереси“, рече Костадинов.
Тој информираше дека освен нејзината ќерка, во државна инситуција добил работа и братот на Илиеска, Александар Тошески, поточно во Централен регистар во Прилеп.
„Го повикуваме Ѓорѓе Иванов да се изјасни за овој случај во неговиот Кабинет, да ги повика роднините на Илиевска да се повлечат од работните места, во името на борбата против непотизамот. Христијан Мицкоски да не чека, да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски и Стевананџија да ги повлечат своите роднини од државниот сектор. Да ја повика членката на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ и советничка на Иванов, Анастасија Илиеска, нека ги повлече своите роднини од државниот сектор. Ајде да го пресечеме јазолот на непотизам создаден во времето кога ВМРО-ДПМНЕ имаше апсолутна власт“, повика портпаролот и пратеник на СДСМ.
Костадинов додаде дека СДСМ бара и нуди решенија против непотизам и партизацијата.
„Веќе се случија и повлекувања на вработени роднини на функционери. Време е да почне повлекувањето на роднините на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, во име на борбата против непотизмот. Најавуваме дека ќе поднесеме претставки до Државната комисија за спречување на корупцијата за овој, но и се сите останати случаи на вработувања на роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ“, порача на крајот на прес-конференцијата Костадинов.
Comments are closed for this post.