Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15 годишнината на трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.

„Политиките на Трајковски беа од особен придонес за постојаната афирмација и за натамошно приближување на нашата земја кон Европската Унија и кон структурите на НАТО. Имаше дарба и стратегија да ги одржува еднакво важни и односите на нашата земја со САД и Русија и со Народна Република Кина. Нашиот претседател Борис Трајковски, многу брзо се стекна со голем меѓународен углед. За неговата работа беше одликуван со високи одличја и признанија“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека Борис Трајковски ја извршуваше својата должност како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочуваше исправено и храбро, како што потенцираше премиерот во ниту еден момент не го поколебаа.

„Својата должност како Претседател на сите граѓани и како врховен командант ја извршуваше со силен личен печат, со цврста истрајност и посветеност кон универзалните, највисоки етички и човечки принципи, во кои непоколебливо веруваше и во кои беше длабоко убеден дека се најдобриот избор. Од таа перспектива, не може да се заборави ниту упорноста со која се бореше за зачувување на достоинството на институцијата Претседател на државата, дури и тогаш кога ги добиваше најсилните удари. Не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша“, истакна Заев.

Својата должност како Претседател на сите граѓани и како врховен командант ја извршуваше со силен личен печат, со цврста истрајност и посветеност кон универзалните, највисоки етички и човечки принципи, во кои непоколебливо веруваше и во кои беше длабоко убеден дека се најдобриот избор.

Меѓу другото во говорот посочи:

„Беше оптимист со јасна претстава за реалноста и можностите, а неговата искрена посветеност сведочеше дека за него нема безнадежна ситуација. Тоа најдобро беше потврдено за време на кризата во 2001 година. Во таа ситуација,  тој во себе го издвои и го стави во прв план државникот Борис Трајковски, пред политичарот Борис Трајковски“.

Во сеќавањата на сите што го познаваа, од најистакнатите државници до обичните луѓе, како што рече премиерот,  Борис Трајковски останува олицетворение на отвореност и блискост со народот.

„На претседателската канцеларија тој ѝ даде човечко, хумано лице. Беше човек од народот. Секогаш наоѓаше време за проблемите на обичните луѓе. Доаѓаа тие кај него, но и тој не престана да ги посетува во нивните домови“, истакна Заев.