Бившата југословенска Република Македонија се преименува во Северна Македонија. Но, ќе може ли да го користи тоа име и во означувањето на своите вина. Ова прашање го поставува Еуроњус.

Јоргос Фунтулис е претседател на Асоцијацијата на винопроизводители во северна Грција.

Нашиот регион, каде се наоѓа и Негуш со неговото прочуено црвено грозје „ксиномавро“, произведува 48 вина, познати во целиот свет, со висок квалитет, кои се заштитени со географскиот бренд „македонски“. Како нашите соседи ќе го нарекуваат своето производство? Загрижени сме дека ќе се создаде хаос, вели тој.

Освен вино, во северна Грција се произведува македонска алва, македонски плодови и македонски млечни производи. Истото име за брендирање го користат и соседите.

За да се избегне хаосот, предлагаме нашите соседи во брендирањето на своите производи да ја користат етикетата „северномакедонски“. Така економијата и регионот ќе можат мирно и спокојно да се развиваат, тврди Симеон Дијамантис, член на Управниот одбор на Сојузот на извозници од северна Грција.

Според грчките производители, во договорот меѓу Атина и Скопје нема точка, што се однесува на именувањето на производите, кои се произведуваат во тие реони. Затоа тие предлагаат властите во двете соседни држави час поскоро да го решат тоа прашање.