Косовската Влада претпладнево одржа свечена седница, со што започна официјалното одбележување на 11-годишнината од независноста на Република Косово, најмладата држава во Европа, која ја имаат признаено над 100 членки на Обединетите нации, а меѓу првите и Република Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во краткиот пригоден говор на владината свечена седница истакна дека „секој граѓанин на Косово ја има својата приказна за патешествието на државата во овие 11 години“.
И оваа Влада ја има својата приказна од времето кога ја презедовме одговорноста. Она што мислам дека е значајно да им се соопшти на граѓаните на земјава е дека со најголемо внимание сме се соочиле со прашањата кои се ставени пред Косово и Владата, со најголема почит за интересот на косовските граѓани. Има многу одлуки, закони, пакети на закони, реформи. Има и големи одлуки, како што е Војската на Косово, одлуките кои се во врска со Трепча и другите економски ресурси, изјави Харадинај.
Косовскиот премиер нагласи дека 2019 година ќе биде година на консолидирање на косовската држава и дека „ќе се затворат сите отворени прашања на регионален и меѓународен план“, меѓу кои и постигнување „конечен договор за законски обрврзувачко меѓусебно признавање со Србија во рамки на постоечките граници, а истовремено и зачленување во НАТО“.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи прогласувањето на независноста на државата пред 11 години го оцени како „најсублимирачки историски чин кој ја институционализира борбата на косовскиот народ за слобода“.
Тачи во својата објава на Фејсбук порача дека „за ова постигнување се заслужни сите косовски граѓани“.
Им се заблагодарувам на сите наши пријатели, на чело со Соединетите Американски Држави, кои придонесоа за слободата и независноста на Косово. Вечно сме им благодарни, напиша Тачи.
По вонредната седница на Владата, премиерот Хадинај и претседателот Тачи присуствуваа на свеченото подигнување на државното знаме пред косовското Собрание, а потоа и на чествувањето пред споменикот на првиот претседател на Косово по војната во 1999 година, Ибрахим Ругова.
Comments are closed for this post.