Премиерот Зоран Заев со владина делегација учествува на годишната Минхенска конференција за безбедност што започнува денеска и ќе трае до недела.
Владината делегација, во чиј состав се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот Џевад Адеми, ќе учествува на повеќе настани што ќе се одржат во рамки на конференцијата, а планирано е да реализира и повеќе заеднички и билатерални средби.
Планирано е премиерот Заев да оствари билатерална средба со премиерката на Кралството Норвешка, Ерна Солберг и министерката за надворешни работи Ине Ериксен Сореиде и да се сретне со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
Премиерот ќе има средба и со сенаторот Џејмс Риш, претседавач на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, како и со поранешниот американски потпретседател Џо Бајден.
На 55-то издание на Минхенската конференција за безбедност, посебно внимание е издвоено за заедничката дискусија за Република Северна Македонија и Република Грција на која како главни панелисти е предвидено да се обратат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Оваа панел дискусија традиционално им е посветена на добитниците на главната награда „Евалд Фон Клајст”, која годинава свечено ќе им биде врачена на премиерите Заев и Ципрас на посебната церемонијална вечера чиј домаќин ќе биде премиерот на Федералната држава Баварија Флориан Херман.
Comments are closed for this post.