Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска оствари средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли, по повод завршувањето на неговиот мандат.
„САД не се само стратегиски партнер на Република Македонија, туку и најважен пријател со чие присуство и активно учество се остварени најважните успеси на земјава од нејзината независност, истакна Османи на средбата“, упатувајќи лична благодарност до амбасадорот Бејли за неговиот личен ангажман, заложба и поддршка за земјава.
„Со вашите активности оставивте неизбришлива трага, не само во нашиот успех да ја оствариме нашата стратешка определба – членството во НАТО, туку и неизбришлива трага во имплементирањето на западните вредности на Балканот, на чии основи е изграден и денешниот успех во напредокот на целиот регион“, рече вицепремиерот.
За време на средбата Османи реферираше и за неодамнешната посета на САД, каде оствари средби со високи претставници на американскиот Конгрес, меѓу кои и со Претседавачот на Комитетот за надворешна политика, Елиот Ејнџел, како и со високите претставници на Белата куќа, меѓу кои и со Помошникот заменик Државен Секретар, Метју Палмер.
Comments are closed for this post.