Пред три дена во Атина, грчкиот парламент го ратификуваше протоколот за прием на (Република Северна) Македонија во НАТО, а во продолжение, веќе денес (Република Северна) Македонија ќе треба да ги информира ОН, но и сите земји членки што го имаат признато нашето уставно име – Република Македонија, од сега па натаму, да го признаваат новото уставно име – Република Севрна Македонија. Воедно, според одредбите на Преспанската спогодба, од денес започнуваат обврските на „Втората страна“ или како што Столтенберг ја нарекува „идната Република Северна Македонија“, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите, на институциите што го имаат старото име – македонското и Република Македонија. Знам, сево ова звучи и злокобно и неверојатно, но за жал вистиниото е, тоа е нашата реалност! После долги години немирење и борба на македонскиот народ за свој историски, територијален, културен, јазичен, политички опстанок и идентитет, под различни владеачки и државни ситеми и власти, ова СЕГА е полошата верзија на ЛОШОТО, најлошото ќе е – нашето физичко исчезнување како народ, заради ќефот на ГОЛЕМИТЕ, моќните, силните, бескрупулозните!
Не, јас нема сега да ви ја раскажувам македонската историја – „Адам од Македонија“ (Говрлево), Филип и Aлександар Македонски, Лидија Македонката, македонските склавинии, преподобните Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, Самуил и Крале Марко, Злата Мегленска, Кузман Капидан, Прличев, Димитар Поп Георгиев Беровски, Гоце Делчев, Јане Сандански, Крсте П. Мисирков, Кочо Рацин и Никола Ј.Вапцаров, Методија Андонов-Ченто, Никола Кљусев, Тоше Проески и многу други познати и непознати сонцељубиви – за да дадам прилог кон нашата автохтоност, автентичност, самобитност, право на живот и на суверенитетот. Последново има историска подлога и во Илинденската 1903 г., кога по востаничкиот неуспех, со Мирцштешките реформи првпат трите „македонски вилаети“ се изделени од другите области на османлиската држава и се поставени извесни основи за политичкото индивидуализирање на Македонија. Завршувањето на Балканските војни и на Првата светска војна и одлуките на Версајската мировна конференција (1919/20) јасно ги покажуваат сите внатрешни македонски аномалии, но и суровоста на геополитиката. Територијата – Македонија е поделена, а со тоа и народот кој веќе се себеоткрива како македонски, како нешто посебно и различно од другите балкански народи, дотолку повеќе што сега веќе вклучен во правниот и во политичкиот систем на одделните балкански држави (Грција, Бугарија, Србија, Албанија) тој директно се соочува со својата посебност како од аспект на јазикот и на културата така и во однос на актуелната економска и социјална маргинализација.
Накратко, поделбата на географско-етничко-социјалниот простор наречен Македонија во ниту еден момент не доведува до елиминирање на името Македонец како самоиндентификување, ниту пак на идејата за одделна македонска држава. Овој процес особено зрее во време на антифашстичката борба во Втората светска војна, кога се создава посебна македонска држава само во рамките на југословенската федерација. Република Македонија е јадрото на македонската национална свест, но во исто време има и регионална задача да се грижи и да ја развива идејата за македонскиот идентитет и во соседните држави. Последново е особено засегнато од 1991 г. (независноста на РМ), преку Илиридската, Лисабонската и Привремената спогодба, Охридскиот, Пржинскиот и Бугарскиот договор и Преспанската спогодба, како и уставната рашомонијада – сè до непрепознавање, во актуелниот момент. Сето ова кажано е во врска со една мудрост, според која „ниеден човек не остров“ (Џон Дон), така и македонскиот народ не е осамен остров, туку е дел од општата човечка цивилизација! Оттука, сите оние кои мислат дека камбаните бијат за македонскиот народ и за неговата историја, нека знаат дека камбаните бијат и за нив!
Меѓу другото, да ве потсетам: СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македоците!
Comments are closed for this post.