„Сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета“, порача од Берлин попладнево министерот за култура Асаф Адеми.
Реакциите на јавноста за распределбата на пари за проекти од Годинашната програма на Министерството за култура не запираат, а министерот по објавувањето на резултатите отпатува во Германија на „Берлиенале“.
„Со должно внимание ги проследив сите забелешки и коментари кои се однесуваат на објавените резултати од Годишните конкурси на Министерството за култура. Големиот одзив кон објавените резултати покажува дека сме на линија со нашите заложби транспарентно и отчетно, без никакви предрасуди да донесеме Програма која ќе го поттикме развојот на културата во државата. Како човек и како министер за култура длабоко ги респектирам авторите, уметниците, институциите и сите оние кои делуваат во областа на културата и нема да дозволам овие резултати по Годишните конкурси да остават чувство на горчина и незадоволство кај луѓето од културата. Би сакал да ја информирам јавноста дека сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета. Со цел поголема транспарентност на целиот процес ќе бидат поканети и претставниците на медиумите. Воедно ги поканувам сите засегнати апликанти кои имаат потреба, да се обратат во Министерството за култура за информации поврзани со нивните проекти. Наша цел е да ги стимулираме и соодветно да го вреднуваме придонесот на уметниците, институциите од културата, независниот културен сектор, и во таа смисла остануваме силно посветени на оваа наша определба, вели Адеми.
И премиерот Заев, најави дека ќе се поништи делот од Конкурсот на Министерството кој предизвика незадоволство во јавноста.
Comments are closed for this post.