Како полноправна членка на НАТО Македонија ќе стане постабилна и со зацврстена безбедност дома и во регионот, додека ратификацијата на протоколот за членството во грчкиот Парламент е завршена работа.

Ова синоќа го изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во текот на  дискусија во Атлантскиот Совет посветена на зачленувањето на Македонија во НАТО а во рамките на иницијативата „Балкан напред“.

Министерот се обрати пред експерти, претставници на невладини организации и дипломатскиот кор во Вашингтон.

Ова е историски настан, ја пишуваме историјата со тоа што создаваме посветла иднина во регион полн со историја и конфликти, порача Димитров.

На прашењето на директорот на Атлантски совет, Дејмон Вилсон, што понатаму, и какви се подводните сцили и харибди можат да се појават како резултат на Преспанскиот договор, Димитров е убеден дека грчкиот Парламент ќе гласа позитивно за влезот на Македонија во НАТО, „и формално да се затвори прашањето за името”.