Дали може Преспанскиот договор да заглави во Советот за безбедност на ОН? Дали Русија може и дали ќе стави вето? Можно ли е целиот процес сега да излезе од колосек во ОН?
Ова се прашања кои Пресинг ТВ ги испрати до претседавачот на Советот за безбедност до јануари годинава, Доминиканската Република, откако претходно од кабинетот на генералниот секретар на светската организација, Антонио Гутереш, не препратија на нивната адреса.
„Советот за безбедност не е надлежен за такви прашања. Од тука и ние немаме информации за тоа прашање. Што се однесува до прашањата за улогата на Советот за безбедност, тие ќе постапат само доколку тоа прашање дојде некогаш во СБ, инаку тоа не може да биде разгледувано. Имајте предвид дека СБ е надлежен само за прашања од меѓународниот мир и безбедноста“, се наведува во одговорот на Натали Абру Патчо, правен советник на постојната мисија на Доминиканска Република во ОН.
Експерт со кого Пресинг ТВ разговараше денеска и кој инсистираше на анонимност, категорички отфрла можност Русија да искористи право на вето во Советот за безбедност.
„Јасен е мандатот на СБ, впрочем тоа е убаво кажано во одговорот кој што сте го добиле. Дали може прашањето да дојде во СБ? Секако, да, но за тоа мора да постојат услови. На пример сериозна загрозена безбедносна состојба предизвикана од Преспанскиот договор. Дали има таква ситуација? Нема. Прашањето може да го донесе пред Советот за безбедност и генералниот секретар, ако тој на пример смета дека Договорот предизвикува сериозни проблеми, или има правни недостатоци во однос на меѓународното право. Но, бидејќи до сега Гутереш не се изјаснил за такво нешто, јасно е дека нема услови, ниту, пак, причини Преспанскиот договор да се најде на дневниот ред на Советот за безбедност“ – објаснува експертот за меѓународна политика и право.
Според него, Резолуцијата 845 на СБ на ОН, на која се повикува Русија, е јасна и токму според неа нема потреба прашањето сега да се поставува на дневен ред во СБ. Експертот вели дека Русија не може да докаже дека насила е постигнат договорот, па затоа Преспанскиот договор ќе помине мазно во ОН.
Тоа значи дека процесот сега ќе оди според утврдените механизми на ОН, а тоа значи дека Преспанскиот договор ќе биде депониран во седиштето на ОН во Њујорк. Кога тоа точно ќе се случи ќе зависи од грчката ратификација на Протоколот за зачленување на „Република Северна Македонија“ во НАТО, но може да се претпостави дека тоа ќе биде многу брзо.
Што кажува Резолуцијата 845?
Во Резолуцијата 845 од 18 јуни 1993 година се потенцираат напорите на генералниот секретар да се најде брзо решение за проблемот со името. Во неа двете страни се повикуваат „ да продолжат со нивните напори под покровителство на Генералниот секретар, за постигнување на брзо решавање на преостанатите прашања помеѓу нив“ и „бара од Генералниот секретар да го информира Советот за напредокот на нивните понатамошни напори, чија цел е разрешување на разликите меѓу двете страни пред отпочнувањето на 48 сесија на Генералното собрание и навремено да извести пред Советот за нивниот исход и одлучува повторно да го разгледа прашањето во светло на извештајот“.
Comments are closed for this post.