Не е точно дека со државни пари се покриваат долгови на приватни фирми, туку се покриваат долговите кон лозарите. Ова го изјави денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски, по однос на најновата владина одлука – лозарите да добијат државни пари во висина од 1, 5 милион евра(долг што винариите „Повардарие“ и „Стефанис винарија“ го имаат направено кон лозарите во периодот од 2014 до 2016 година)
Според Николовски на овој начин ќе им се помогне на лозарите, затоа што земјоделсвото е стратешка гранка во земјава, а земјоделците на овој начин ќе си продолжат со својата работа. Министерот вели дека парите што ќе се одвојат за исплата кон лозарите, ќе бидат вратени во Буџетот.
Преку постојното законско решение државата го побарува износот којшто овие винарии или откупувачи треба да го платат кон лозарите и преку финансиски инструменти на Управата за јавни приходи и Платежната агенција, овие пари ќе се вратат во Буџетот. Лозарите долго чекаа на решавање на овој проблем и сметаме дека е одговорно што побргу да ги добијат своите пари, рече Николовски.
Тој очекува денеска претседателот на државата да ги потпише измените на Законот за земјоделство и руралниот развој кои беа донесени на Собрание и во четврток на владина седница да се донесе одлуката. Треба да се донесе и измена на Програмата за финансиска поддршка и Државниот земјоделски испекторат да ги направи потребните анализи.
Според најавите, со исплатата треба да бидат опфатени сите лозари кои во периодот 2014-2016 година го предале своето грозје во винарии што во тој период биле регистрирани во Регистарот на МЗШВ, а не добиле пари за предаденото грозје.
Comments are closed for this post.