Соработката на Владата со концесионерот на аеродормите во Скопје и во Охрид, турски ТАВ, ќе се продлабочува и ќе се забрза процесот на реализација на инвестициите од ТАВ за инфраструктурни проекти во износ од 35 милиони евра, најавиле на денешната средба премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со извршниот директор на ТАВ, Сани Сенер и генералниот директор на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој.
На средбата се разговараше за забрзување на процесот на реализација на новите инвестиции од 10 милиони евра што ТАВ ќе ги направи за модернизација на македонските аеродроми и за инвестиции од 35 милиони евра во инфраструктурни проекти, локални патишта, градинки, водоводи и канализации во висина, што произлегува како обврска на ТАВ од договорот за концесија. Постои согласност од двете страни дека во најбрз временски период треба да почне реализацијата на овие проекти, соопшти по средбата владината прес-служба.
Оттаму информираат дека на средбата е потврдена одличната соработка со ТАВ којашто во иднина ќе се унапредува и продлабочува.
Премиерот Заев ја истакна важноста на традиционалното пријателство и одличната билатерална соработка на нашата земја со Република Турција во градењето на цврсти економски релации помеѓу двете земји. Извршниот директор и претставниците на ТАВ го поздравија зачленувањето во НАТО на нашата земја која наскоро ќе се нарекува Република Северна Македонија и започнувањето на преговори со Европската Унија како важни процеси за стабилна бизнис клима и економски напредок на земјата, се вели во соопштението.
ТАВ е концесионер на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродормот „Св.Апостол Павле“ во Охрид од март 2010 година. Најавата за инвестиците во инфраструктурните проекти уследи по одлуката на турската компанија да не гради карго аеродром во Штип бидејќи мерењата покажале дека тоа не е можно поради силината и правецот на ветровите.
Comments are closed for this post.