Шпекулациите со бројот на Бугарите надвор од границите се отворија со нова сила. Секогаш кога ќе се допре темата со митско значење за „оние надвор“, бугарските медиуми полудуваат, пишува софиски „Капитал“. Овојпат, според весникот, одгворно за тоа е бугарското Министерство за надворешни работи, кое дало одговори на прашањата на сајтот „ЕвроЧикаго“ (одново побарани според Законот за пристап до информации, што е необјаснива практика на Министерството).
Според одговорите објавени од медиумот, бројот на Бугарите регистрирани надвор од границите, стигнал до впечатливо ниво од 2,4 милиони луѓе. Тоа е добар наслов, но дали е точен?!
Прво, зашто како што посочува Бојан Јуруков, кој одамна се занимава со оваа тема, тоа би значело дека вкупниот број на Бугари во светот и кај нас го надминува бројот на население од 1989 година. Зашто населението во Бугарија, според податоците на Националниот институт за статистика, е околу 7 милиони, па така излегува дека вкупниот број бугарски граѓани изнесува барем 9,1 милиони. Во услови на намален наталитет и демографска криза, Бугарите зад границата би требало доволно добро да се справат со „правењето деца“ за да се компензира падот внатре во државата.
Второ, зашто многу подетално и цитирајќи сериозен број извори „Капитал“ минатата година стигна до бројката од 1,33 милиони луѓе, горе-долу до бројот до кој стигна и Јуруков. Истражувањето исто така покажа дека има суштествено забавување во миграциските процеси во периодот меѓу 2011 и 2015 година, односно невозможно е во тој период да емигрирале речиси половина милион луѓе, како што произлегува од податоците (ако можеме така да ги наречеме) на Министерството за надворешни работи.
И трето, зашто тие податоци се, искрено, збунувачки.
Аки ги споредиме податоците од првиот одговор на Министерството од 2011 година со тие од сегашниот, како што прави „ЕвроЧикаго“, се добиваат чудни несогласувања. За седум години бројот на Бугарите во Велика Британија се удвои од 100.000 на 200.000, во Франција исто или дули и се триплирал од 30 на 60-80.000, како што пишува во одговорот на Министерството. А, во Германија скокнал од 75 на 416.000.
Одговорите на Министерството се базираат на „податоци од задграничните претставништва“. Тоа значи, преведено, дека дипломатите биле прашувани да кажат колкав, според нив, бил бројот на луѓето за кои треба да водат грижа во државата. Не е тешко да се претпостави дека толку општо формулирано прашање, со толку нејасни одговори, на мнозина им дава мотив да ја зголемуваат таа бројка, зашто тоа подразбира нови барања за кон централата и буџетот.Друг можен одговор е дека луѓето, кои привремено престојуваат некаде, се преброени како перманентно да живеат таму.
Но, многу поинтересни се движењата во Турција и Македонија. Во првата, од 500.000 исчезнале 150.000 лица, а во втората речиси сите (од 50.000 на околу 1.000). Тоа се огромни демографски бранови, што не можат да останат незабележани. За Македонија, на пример, тоа би значело дека сите луѓе, кои имале бугарски пасош во 2011 година, си заминале! Тоа е или сомнително или ги покажува чудата на новата бугарска имиграциона политика и трговијата со пасоши. Но, во Молдавија, каде има силна бугарска дијаспора, бројот на носитете на пасоши се зголемил од 20 на 31.000. Со други зборови, можно е одговорите во себе да кријат повеќе отколку што покажуваат.
Comments are closed for this post.