Проектот за развој и промоција на туризмот во земјите од Западен Балкан ги претстави своите активности на 11. Викенд Медиа Фестивал кој се одржува во хрватскиот град Ровињ.
Проектот го презентираше Никола Гаон, службеник за комуникации при Советот за регионална соработка.
Гаон се осврна на повикот за издавање грантови кои ќе се инвестираат за развој на инфраструктурата и подобрување на квалитетот на услугите на рутите кои ќе бидат развиени во регионот. Тој, исто така, истакна дека треба да се работи на мотивирање на луѓето во регионот да ги посетуваат локалитетите кои ќе бидат промовирани.
Овој проект за развој и промоција на туризмот, кој е финансиран од Европската унија со пет милиони евра, а имплементиран од страна на Советот за регионална соработка (РЦЦ), работи за консолидација и диверсификација на културната и авантуристичката туристичка понуда во шесте економии од Западен Балкан – Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, развивање на заедничките регионални туристички рути и производи, подобрување на инфраструктурата и квалитетот на услугите на овие туристички рути и глобално, промовирање на заедничката регионална туристичка понуда.
Целта е зголемување на бројот на туристи кои го посетуваат регионот, продолжување на нивниот престој, зголемување на приходите и вработеноста во индустријата. Исто така, овој проект треба да придонесе за конкурентноста на економскиот развој во регионот.
Проектот ќе овозможи голем број активности во регионот, во кои ќе бидат вклучени многу засегнати страни, релевантни за развој и промоција на туризмот.
Фестивалот во Ровињ е само еден од настаните со кој ќе се подигне свеста за улогата на туризмот во економскиот раст на регионот.
Comments are closed for this post.