Според анкетите спроведени во Украина, актерот Владимир Зеленски  е најпопуларен кандидат за нов претседател на земјата. Истовремено, се забележува тренд на опаѓање на рејтингот на актуелниот претседател, Петро Порошенко.

Според резултатите од анкетата на Центарот за политички и економски истражувања „Разумков“, комичарот Зеленски, кој глумеше претседател во популарна телевизиска серија, има поголем рејтинг од Порошенко и поранешната премиерка Јулија Тимошенко.

Во анкетата учествуваа 6.000 испитаници, со можна грешка од 1,3 проценти.

Зеленски води и во други спроведени анкети, а неговиот рејтинг се движи од 19 до 23 отсто.

Според украинските аналитичари, за високиот рејтинг на Зеленски придонесува неговата популарност како телевизиска ѕвезда, но и разочараноста од актуелните лидери.