Наместо традиционалните пораки за правата на жените, на 8 март годинава, жените во Белгија ќе штрајкуваат. Предлогот е официјализиран од Колективот 8 март, како инспирација од акцијата на шпанските жени минатата година, кога пет милиони жени ја парализираа земјата.
Целта на оваа акција е да и се даде видливост на работата што ја вршат жените и нивната важност на пазарот на трудот, објаснуваат организаторите.
Се очекува голем протест на 8 март во Брисел, испратени се повици до студентките да не одат на предавања, а жените да не се занимаваат со домашни обврски, ниту со децата тој ден. Колективот се координира со синдикатите за покривање на генерален штрајк од страна на жените.
Барањата на организаторите се бројни: еднаквост меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во однос на платите, како и на сите услови за работа, но и екологијата, расизмот, родовите дискриминации и, се разбира, насилството врз жените.
Тоа е тоа што го одржува системот на доминација и на експлоатација на жените. Сакаме да покажеме дека ако жените застанат, светот застанува – изјави Роксан Шиникар, членка на Колективот 8 март.
Мажите се добредојдени да се вклучат во движењето на различни начини, објаснува Колективот.
Можат на пример да ги чуваат децата, да се занимаваат со домашните обврски или да ги заменат жените кои нема да одат на работа тој ден – објасни Полин Форж од Колективот осми март.
Comments are closed for this post.