ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесува иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за двојазичност. Причината, како што појасни Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, е донесувањето на законот во нелегална процедура.
Указот за прогласување на законот за двојазичност е објавен само со потпис на Талат Џафери и без потпис на Претседателот на државата – Ѓорѓе Иванов, што е во целосна спротивност на Член 75 од Уставот, кој предвидува указите за прогласување на законите задолжително да се потпишуваат од Претседателот на Република Македонија, порача Јанушев.
На прес конференцијата во седиштето на партијата, Јанушев додаде дека на указот на Законот за двојазичност стои единствено потписот на Талат Џафери, кој се потпишал во име на претседателот на држава – иако на претседателот на државата, ниту му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши, што е уште една незаконитост спротивна на Член 82 од Уставот.
„ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување на времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за двојазичност и Указот за прогласување на истиот, чија уставност се оспорува, од причина што доколку започне да се применува постои ризик од настанување на штетни последици“, порача Јанушев.
Од партијата апелираат до Уставниот суд да одлучува со најголема итност, почитувајќи ги Уставот и воспоставените практики од минатото и да донесе одлука со која ќе се укине Законот за двојазичност.
Comments are closed for this post.