Проектот, воведување воз од Скопје до скопскиот аеродром е дел од  Националната транспортна стратегија што ја донесе Владата на предлог на Министерството за транспорт и врски, а која денеска ја презентираше министерот за транспорт Горан Сугарески.

Од министерството за транспорт и врски велат дека  идејата за воз не е нова, но за нејзината реализација се чекало да се зголеми бројот на превезени патници на скопскиот аеродром. Во моментот не се знае колку ќе чини овој проект, со кој е планирано да се одвои крак кај Миладиновци за аеродомот. Она што првично следува е да се комплетира документацијата, велат од министерството за транспорт и врски.


Исплатливоста на пругата од скопска железничка станица до аеродромот беше авионскиот превоз да привлече до два милиони патника бидејќи кога се правеа анализите, тие покажаа дека кога ќе се постигне ова, тогаш ќе биде исплатлива оваа релација бидејќи инвестицијата е значителна, истакна Билјана Здравева, раководител на секторот железници.

Во транспортната стратегија на министерството за транспорт има предвидено дека ќе се реализираат  104 активности до 2030 година. За реализација на овие проекти ќе се потрошат околу 4,2 милијарди евра од кои најголем дел ќе се обезбедат преку кредити и ИПА средства.


Меѓу покрупните проекти предвидени со Стратегијата во делот на патната инфраструктура се довршувањето на автопатот од Кичево до Охрид, изградба на автопатот од Скопје до Блаце, изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево, како и изградба на ниво на автопат на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир и од Струмица до границата со Бугарија.

Во делот на железницата, покрај изградбата на пругата од Куманово до бугарска граница, планирани се и изградба на заеднички железнички граничен премин на Табановце и да се воведе железничка линија до аеродромот во Скопје.

Министерот за транспорт и врски очекува најголем дел од проектите во патниот сообраќај да бидат завршени до 2020-2021 година, а во делот на железницата планирано е до 2025 година да заврши комплетно изградбата на пругата кон Бугарија. Проектите од Стратегијата ќе се реализираат согласно приоритетите на Владата