Не мина многу време од настапот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на собраниската говорница во расправата по уставните амандмани кога навреди голем дел од Македонците. Иако веднаш потоа се дообјасни дека неговата изјава била извадена од контекст, сепак ќе останат запаменети неговите зборови за искомплексирата нација.
Се работи за нација со комплекс која мора да си бара назад 2.000 години корења. Александар Македонски ако го нема, ние не знаеме кои сме. Со тоа копањето назад што е комплекс на несигурност во себе и на инфериорност, дадовте аргументи на политичките сили во Грција, кои не сакаат да има Договор. Изгубивме пријатели, од жртва, станавме луѓе кои се клоцаат.
Сега, со предавањето на вербалната нота на шефот на грчката Канцеларија за врски во Скопје со која ја информира Атина дека Република Македонија ги исполнила внатрешните услови за да стапи во сила Преспанскиот договор, министерот Димитров не ги навреди Македонците дека се искомплексирана нација. Напротив. Ги деноминираше, да не кажеме ги избриша.
И да не беше грчкиот весник „Ефимерида“ немаше да дознаеме. Ќе продолжевме да живееме, дури и оние најоптимистички расположените, со илузиите дека со договорот од Преспа ни е утврден македонскиот етнички идентитет. Впрочем, тоа беше целата основа за (не)прифаќање на договорот.
Арно, ама, „Ефимерида“, согласно испратените документи од нашето МНР со потпис на министерот Димитров, збележува дека во договорот се зборува за „македонски народ“ (Macedonian people), како општа или збирна именка, но никаде не се зборува за Македонец/Македонци. И притоа, исто така врз основа на испратените документи, прави јасна дистинкција меѓу термините „националност“, што се однесува на „државјанството“, и „етничка припадност“.
Многумина можат да забележат дека откако „возот замина“ со прифаќањето на уставните промени, сега е бадијала било што да се каже. Но, сепак, некои работи вреди да се забележат.
На 24 септември минатата година, значи само шест дена пред одржувањето на референдумот, министерот Димитров одржа прес-конференција на која дополнително ги објаснуваше членовите од договорот од Преспа, кои, наводно, на јавноста не и биле јасни.
И тогаш, објаснувајќи го клучниот член 7 изјави:
-Почетокот на член 7 е еден од клучните концепти на спогодбата каде што двете држави прифаќаат и разбираат дека нивното разбирање на термините Македонија и македонски се однесув на различен историски контекст и културно наследство. За нас, термините Македонија и македонски ја означуваат нашата територија, нашиот јазик-македонски јазик, нашиот народ-македонски народ, со сите одлики и атрибути, во англискиот јазик-atribut, со наша историја, со наша култура, со наше културно наследство. Овде е клуч со нашето културно наследство. Значи овде се идентитетските прашања и врската со ова, претходно видовме, е дадена во чл.1. Значи, нашето право на самоопределување и самоидентификација, факт е дека ние имаме направено држава на ова парче земја, факт е дека ова парче земја е дел од историски и географски поширокиот регион на Македонија, има дел и во Грција, има дел и во Бугарија. И овде јасно се укажува дека Македонија се однесува на нашата територија, јазикот е македонски, народот е македонски, со сите одлики (5,20 мин. од видеото).
Одговарајќи на новинарско прашање дали станува збор за поделен идентитет, Димитров одговори дека не се работи за тоа, туку за концепт. Притоа рече:
Кога ќе кажете во Грција и во смисла на регионална припадност и во смисла на културно наследство, кога Грк во Солун или во Атина ќе каже ама и ние сме Македонци, и јас сум Македоец, мислат на друг концепт, тоа го кажува чл.7 Кога ние ќе кажеме јас сум Македонец, мислиме на нашиот државно-правен и историски нратив. Тоа е наратив којшто почива на два столба и тоа е резултат на цел еден историски процес. Клучните во нашиот се 1903 и 1944 и 1991. Се разбира дека тоа е процес што почнл многу порано. Тоа е контекстот. Никој не може нас во 21 век да ни спори нас прво на самоопределување и право на самоидентификација. Во договорот нема ниту еднаш придавка северномакедонска, северномакедонски итн. Има само Macedonian, односно Македонци. Името на државата, дистинкцијата меѓу нашата Македонија и нивната Македонија е со географската одредница Северна. Таа географска одредница не може нас да не смени кои сме. Тоа го кажува чл.7. (29,30 мин.во видеото)
Забележувате, министерот вели има Macedonian, односно Македонци. Иако во чл.7, став 1 стои:„Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија„ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство“.
Значи нема Macedonian, односно Македонци, како што тврдеше министерот Димитров. Macedonian произлегуваше од државјанството. Истото тоа Macedoniаn, што во нотата до грчката Канцеларија за врски се потврди како државјанство.
Останува дилемата, зошто во документите министерот се задржал само на државјанството што ни го продаваше како етничка припадност, а никаде го нема терминот „Македонци“, како вистинска етничка припадност.
Comments are closed for this post.