Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.
Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет”. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци, рече Заев на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор.
Тој додаде дека Македонците во државата не треба да се плашат дека некоја албанска партија или албански пратеник бараат да се загрози идентитетот.
Сите се залагаме тој идентитет, што беше оспоруван, конечно да биде загарантиран. Албанците го направија тоа и на референдумот и со поддршката на Договорот од Преспа, истовремено и ние Македонците немаме намера нечие етничко чувство или припадност да го преиначиме. Тоа се човекови вредности и права, рече премиерот.
Comments are closed for this post.