Податоците се шокантни-само во еден единствен ден, на 10 ноември 2018 година-на аеродромот во Атина се откриени вкупно 600 лица со фалсификувани пасоши и лични карти, пишува Дојче веле, а пренесува софиски „Дневник“. Фалсификатите биле од различен карактер-некои од патниците имале фалсификувани пасоши, а други, пак, невалидни документи издадени на сосема други лица.
Настанот од ноемврискиот ден ја потврдува општата тенденција: меѓу јануари и октомври 2018 година, грчката полиција, потпомогната од германски службеници за безбедност, открила вкупно 5.633 лица, кои патувале со фалсификувани пасоши. Откако беше затворена т.н. балканска рута, патувањето со авион за мигрантите стана многу поважно. Но, додека преминувањето на т.н зелени граници во Европа беше лесно, пасошките проверки пред полетување се релативно строги. Затоа и процвета трговијата со фалсификувани пасоши.
Според податоците на Европската агенција за погранична и крајбрежна безбедност Фронтекс, во второто тримесечје на 2018 година биле откриени значително повеќе фалсификувани документи, отколку од почетокот на бегалската криза во 2015 година. Само во првиот квартал на 2018 е констатирано зголемување од 23%.
Оваа статистика, исто така, го открива и посебното значење на авионскиот транспорт-70% од фалсификуваните документи биле откриени кај лица, кои патувале со авион. Најголем број фалсификувани пасоши надвор од територијата на ЕУ се откриени од службениците на истанбулскиот аеродорм „Ататурк“, а во Шенген зоната од грчките граничари. Според податоците на Фронтекс, бројот на лицата со фалсификувани лични документи откриени во Грција бил зголемен за 253% во споредба со претходната година.
Трговците со луѓе работат професионално. Центарот за истражување на нелегалната миграција во Потсдам располага со податоци, според кои, трговците во Атина се во состојба во рок од само неколку часа да набават голем број фалсификувани пасоши. Обично, тие купуваат авионски билети со нефиксирани датум и време на полетување, така што билетите можат да се презаверат во последен момент за друга цел во рамките на ЕУ. Оваа тактика се користи кога ќе се забележи дека граничните власти особено внимателно ги проверуваат пасошите за одреден лет.
Според анализите на германските безбедносни сили, станува збор главно за „фалсификувани задгранични пасоши од држави на ЕУ, главно од Шенген зоната“. Се користат, исто така, и украдени или изгубени германски пасоши, како и привремени документи за лична идентификација издадени на бегалци. Последниве години, германските власти издале близу 600.000 такви документи. Експертите предупредуваат дека и социјалните медиуми играат се поголема улога во врска со нелегалната миграција. Од летото во 2017 година, на пример, во Турција и Грција драстично е зголемен бројот на „понуди за префрлување со авион во ЕУ“.
Comments are closed for this post.