Љупче Николовски, бизнисмен, сопственик на фирмата „Белина“ е овогодинешниот кум на одбележувањето на Бадник во Скопје, а здравичар е Миливое Алексиевски, резбар, потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци и тренер и инструктор по пливање.
Бадникарскиот ќуп на новиот кум му го предаде градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој и на сите христијани од православна вероисповед им ги честита Бадник и божиќните празници, пожелувајќи им добро здравје и благосостојба.
Со пригодна беседа пред скопјани денеска се обрати и Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан кој ја благослови погачата што беше поделена меѓу верниците.
Со тој неповторлив настан нам на луѓето ни е дарувано она што никој друг не може да ни го подари. Без Богомладенецот, без Синот Божји не можело да се повика на повторна близина и единство со Бога. Затоа богораѓањето кое се случило преку Пресвета Дева Марија значело воскресение за родот човечки кој бил оддалечен од Бога поради гревот, значело исполнување на времето за да дојде ветениот и очекуван спасител.
Традиционалното одбележување на Бадник пред Соборниот храм годинава се одржа по 27-ми пат.
По завршувањето на средбата делегација на Одборот за прослава заминаа за Злокуќани во домот за стари лица, каде на лицата кои престојуваат во него им доделија пригодни подароци за Бадник.
Comments are closed for this post.