По повод големиот христијански празник Божик, Денот на Христовото раѓање,  Поглаварот на МПЦ, Неговото блаженство, Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, испрати божикно послание кое го пренесуваме интегрално.

ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ, ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД, ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА, ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Бог на земјата се јави и со луѓето поживеа.[1] Возљубени чеда во Господа,

Многубројни се тајните преку кои Бог се грижи за светот и човекот. Преку тие тајни созданието се облагодатува и воздигнува и е во единство со Бога. Нив Бог ги објавил и преку Црквата ги оставил заради спасение на човечкиот род. А најголема тајна во исто­ри­јата на светот и човекот е таа дека – Бог се јави во тело[2], дека Бог постана – Бого­човек.

Токму празникот Рождество Христово е денот во кој се исполни таа најголема тајна, ветена од Бога – денот без кој ќе беше невозможно спасе­нието на човечкиот род. Овој празник е денот на исполнетото време[3], на остварените пророштва и очекувања, празник – матица на сите празници. Без Рождеството немаше да го има Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни Божјото вочовечување[4]. Затоа Божик е празник на небоземната радост – денот кога сите битија Го слават Бога и се радуваат на спасоносниот настан!

Тој е највеличествениот ден, денот на неповторливата радост за севкупното создание: анге­лите го објавија спасоносното рождество на Синот Божји и Му прине­соа славословие; не­бесата – со бол­скотот на ѕвездата Му се покло­ни на Царот над царевите, а земјата Му дари пештера; муд­реците од Исток и пастирите од Витлеем со радост Го просла­вија и Го даруваа Богомладенецот, а човечката при­рода Му ја дару­ва Пречистата Богородица – Неговата Мајка. Затоа, нашиот свети Климент, Охридскиот Чудотворец, така поучува: „Милостивиот Господ Бог наш…, Кој се облече во нашето тело сакајќи да го обожи со Своето Божество, денес се раѓа од чиста Дева и како дете се повива во пелени… и во јасли како сиромав човек се положува”[5].

Возљубени празникољупци,

Празникот на Христовото рождество е празник на богославењето, празник на мирот и на добрата волја. Тој е денот кога, според предвечната одлука[6], се родил Најкрот­киот и Нај­сми­рениот, денот во кој Бог му дарува мир на сиот свет. Тој е денот кога луѓето, кои во себе Го носат Христа Миротво­рецот, се придружуваат на светоангелската пес­на: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра вол­ја[7].

Свети Јован Златоуст, објаснувајќи ги значењето и улогата на мирот, истакнува: „Мирот е мајка на сите добрини, темел на секоја радост и извор на сека­ков успех”[8]. А ние ќе се покажеме како вистински христијани и миротворци – само ако мирот Божји владее во срцата наши[9] и доколку градиме и го чуваме мирот, и во себе и околу нас. Таму каде што нема вистински мир со Бога, таму нема ни мир ни добра волја меѓу луѓето. Затоа, на овој ден, но и во сите денови од нашиот живот, за миг да се пренесеме во витлеемската пештера – која е симбол на Божјото смирение и на Божјата љубов, и да твориме и возвраќаме со богољубие и со човекољубие. Всушност, колку повеќе растеме, живеејќи ја верата во Бога, толку повеќе ќе имаме љубов и кон Него и кон луѓето!

Меѓутоа, во какви меѓучовечки и меѓународни односи живееме денес, како сѐ уште да не е слушната ангелската песна, како да не е разбрана пораката за мир на земјата и како да не допрел повикот за добра волја меѓу луѓето. Денес многумина зборуваат за мир, а сѐ повеќе тежнеат кон војна, зборуваат за благосостојба, а сејат кризи меѓу земјите и народите. Па има ли денешнава генерација морални и мудри луѓе, кои човештвото ќе го насочат кон искрено и вистинско човекољубие? Има ли денешново човештво пастири, кои народите ќе ги упатат по патот на вистината и животот? И има ли некаде, па и меѓу нас, слични на оние витлеемци, кои во срцата и душите свои ќе најдат место и ќе Му подарат пештера на Господа? Конечно, ќе го најде ли современото човештво вистинскиот пат, патот на мирот Божји што надвишува секој ум[10], или, пак, ќе продолжи кон бездната на злото и гревот, кон раздори и војни?!

Возљубени чеда во Христа Спасителот,

Личноста на Богомладенецот, никогаш не му била попотребна на човечкиот род и на светот како денес. Тој прекрасен небесен Гостин дојде меѓу нас луѓето, за да влезе под покривот на нашите души, да почука на вратата од нашите срца и да влезе во секој дом. Бог постана Богочовек, за човекот да тргне по патот кој води кон Него, да ги разбере вистината, правдата и љубовта и вистински да живее според заповедите и законот Божји. И ова наше време е вистинско време за конечно да го најдеме и да тргнеме по патот Господов. А тоа ќе можеме да го направиме само доколку најпрво се помириме со Бога, потоа со самите себе и со сите околу нас. „Со ништо не можеме толку да Го подражаваме Христа, како со грижата за ближните“[11], вели свети Јован Златоуст. Тоа ќе го направиме ако вистински се покаеме за нашите гревови, ако стариот грешен човек го замениме со нов – охристовен и облагодатен. А токму во личноста на Господ Исус Христос даден ни е пример[12] и во Него имаме образец как­ви треба да бидеме. Преку Него ни се даде можност како да се преобразиме во нов човек, како да Го придобиеме Светиот Дух и како духовно да се издигнеме.

Возљубени во Господа,

Патот кон вечниот живот, води преку нашата борба со гревот. Секој грев оддалечува од Бога, па, затоа, пот­реб­но е да се спротивставуваме на секое зло, трудејќи се преку вера и добри дела да ја возоб­новиме заедницата со нашиот Создател. Бог го очекува нашето поправање, очекува да го отфрлиме гревот, па преку покајанието духовно да се препородуваме и воздигнуваме. Бог постојано чука на дверите од нашите срца и ни порачува: pо примерот на Светиот кој ве повика, и вие бидете свети во сите ваши постапки[13]. Зашто „не постои грев од кој не можеме да се поправиме преку покајанието…“[14]. „Покајанието е лекарство кое го уништува гревот; тоа е небесен дар, чудес­на сила… Тоа сѐ поправа и сѐ пре­обра­зува! Тоа не го одбегнува и не го осудува грешникот, туку го преобразува, затоа што тоа лекува од сите гревови”[15].

Господ Исус Христос ни порачал: Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога[16]. Па, само со такви, охристовени срца, ќе можеме да постанеме вистински благовесници на мирот и љубовта, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот[17] и тежнејќи кон заемно обединување со сите богољубиви и човекољубиви луѓе и народи. Впрочем, „на Бога се уподобуваме тогаш кога постапуваме во согласност со вистината, кога сме човекољубиви, кога покажуваме милосрдие кон ближните и кога сме исполнети со добродетели“[18].

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Во годината во која зачекоруваме, ќе одбележиме некои годишнини за настани и личности од нашето поблиско и подалечно минато, меѓу кои: 1150 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител и рамноапостол, свети Кирил Солунски; 700 години од живописувањето на манастирот Зрзе; 200 години од раѓањето на Дичо Зограф; 60 години од хиротонијата на блаженоупокоените епископи, Преспанско-битолскиот Климент и Злетовско-струмичкиот Наум – членови на првиот Синод на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква…

Веќе 2000 години чекориме по нашата богоблагословена земја и ја следиме ѕвездата од Исток. Како чеда на Македонската православната црква, повикани сме да учествуваме во сеопштата Божикна радост со сите благочестиви христијани ширум светот. Без разлика каде и да живееме, во татковината или населени по светот, треба да ги примиме спасоносните пораки и да бидеме градители на мирот и добрата волја. И оваа наша генерација треба да се угледа на доблесните наши татковци и дедовци и да покаже достојна грижа за националните вредности и посебности што како народ ни се дарувани од Бога и оставени како аманет од нашите претходници. Да си ги чуваме верата православна и Црквата Светиклиментова, нашето духовно и национално единство, како и нашата татковина Македонија – за и тие да нѐ зачуваат нас. Амин!

Честит Божик и од Бога благословено Новото лето Господово! Христос се роди!